По телото на велешанецот уште се трага, а МВР веќе го прогласи за мртов од пожарот
По телото на 80 - годишниот велешанец, Миле Паунов, за кого се претпоставува дека изгорел во пожарот кој пред два дена ја уништи до темел неговата куќа, Полицијата се уште трага.
Иако телото на Паунов не е пронајдено, МВР веќе го прогласи за мртов. Во краткото соопштение од дневниот билтен, МВР објави за пожарот. Односно оттаму информираа дека во петокот, во 23.30 часот било пријавено дека во Велес, на улица Јован Алабаков настанал пожар во куќа, сопственост на М.П.(79) и истиот загинал. Од пожарот била зафатена и соседна куќа.
Расчистувањето на урнатините од куќата продолжи утрово, но до овој момент, остатоци од телото се уште не се пронајдени. Потрагата беше прекината синоќа, откако поради мракот, немаше услови за работа. Дождот кој денеска паѓа ги отежнува условите за работа.
Од полицијата велат дека е рано да се зборува за причините за пожарот. Се претпоставува дека пожарот настанал или од вклучена електрична греалка или од отпушок од цигара.
