По ставовите на Георгиевски се огласија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
Изнесените ставови на поранешниот премиер Љупчо Георгиевски за тоа како да се реши македонско - бугарскиот спор, поттикнаа многу реакции, а со став се јавија и партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека премиерот Зоран Заев преку Љубчо Георгиевски пушти пробен балон.
„Зоран Заев вчера преку Љубчо Георгиевски пушти пробен балон во јавноста, и порача дека македонскиот јазик не постоел во кореспонденцијата на патриотските револуционерни организации директно негирајќи ја посебноста на македонскиот јазик, како и посебноста на македонската нација. Заев сака да ги одроди револуционерите и сите македонски дејци и од нив да направи Бугари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие обвинуваат и дека преку Георгиевски, сака испраќа порака дека ќе се откаже од македонското малцинство во Бугарија.
СДСМ велат дека нивните ставови се различни од оние на Георгиевски. Тие тврдат дека де отворени за дијалог, но за идентитетот не се преговара.Георгиевски поттикна негативни реакции во јавноста.
„Доколку кај поранешниот премиер постои малку доблест и свест под итно треба да го врати Македонското државјанство и да се извини на целиот македонски народ“, порача кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.