ПО СЛУЧАЈОТ СО ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Наставниците ќе дежураат во училиштата
Се враќа обврската наставниците да дежураат на одморите.
Министерството за образование и наука (МОН) најави засилени безбедносни мерки и поголем надзор во училиштата како одговор на неодамнешниот случај на врсничко насилство во Ѓорче Петров.
Министерката за образование, Весна Јаневска информираше дека веќе се испратени дописи до сите градоначалници и училишта. Наместо ученици, во ходниците и дворовите сега ќе мора да дежураат наставници.
Целта на оваа мерка е наставниот кадар навремено да спречува евентуални инциденти меѓу учениците.
„Тоа што се случило надвор од училиштето не е оправдување. Тоа се ученици на одредено училиште и наставниците мора да имаат увид во тоа како се однесуваат нивните ученици, затоа што тоа е воспитно-образовен процес“, изјави Јаневска.
Дополнително, дежурните наставници ќе мора да бидат на видно место, со цел Државниот просветен инспекторат да може полесно да врши контроли и да го констатира нивното присуство.
Покрената е кривична пријава против четири малолетнички за насилството врз девојче во Ѓорче Петров, објави Министерството за внатрешни работи.
На 29 април 2026 година, Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров при СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против четири малолетнички (една 17- годишна и три 14-годишни) сите од Скопје, поради основи на сомнение дека извршиле две кривични дела „насилство“ предвидено и казниво по член 386 од КЗ.
Во два одделни настани, на 27 март 2026 година и на 30 март 2026 година пријавените физички нападнале 13-годишна малолетничка, а видео запис и фотографии од настаните биле објавени на социјална мрежа.
Од МВР објавуваат дека се подготвува кривична пријава и против родителите.
