Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПО СКАНДАЛОТ СО МЛЕЧНИТЕ ПРОИЗВОДИ: Граѓаните се прашуваат дали знаеме што јадеме?

ПО СКАНДАЛОТ СО МЛЕЧНИТЕ ПРОИЗВОДИ: Граѓаните се прашуваат дали знаеме што јадеме?

Откако деновиве Агенцијата за храна и ветеринарство(АХВ) соопшти дека повеќе млекарници манипулирале со процентот на млечни масти и ставале палмино масло во производите, граѓаните се прашуваат дали воопшто знаеме каква храна јадеме.

Оваа афера ги загрижува и велат дека сите што ги кршат законите треба јавно да бидат објавени и казнети со строги казни. Посебно постарите луѓе кои имаат здравствени проблеми, се принудени да водат сметка што консумираат и да ги читаат декларациите на производите, но во случајот се покажа дека тоа не е доволно.

„Ме загрижува информацијата, затоа што нема точен податок кои се и до кога ќе ги криеме вака? Има преку 20 млекарници, од каде знаеме кои се? Читам декларации и ако не можам да прочитам, немам очила со себе, терам некој друг да ми прочита, но гледаме дека и тоа не било доволно. Треба да се проверуваат производите пред да бидат пуштени во продажба. И ако не се внимава на здравјето во младоста, луѓето нема да го имаат тоа здравје на старост“, рече Славица Тодоровска, граѓанка.

Друга жена вели дека веќе ништо не ја изненадува во Македонија.

„Мрсна храна не јадам. Повеќе консумирам зеленчук, поради здравјето и треба да се води сметка за квалитетот на производите“, кажа Нада Давовска, граѓанка.

Граѓаните бараат почести контроли на квалитетот на храната.

„Треба секој да си ја врши работата, да има контроли. Колку е штетно палминото масло не знаеме точно, но гледаме колку е народот болен, умираат и млади луѓе и за тоа мора да има причина. Мора да има казнивост“, кажа Славица Симоновска, граѓанка.

Инаку, за палминото масло нутриционистите коментираат и дека е „тивок убиец“, а него треба да го избегнуваат луѓето кои имаат здравствени проблеми.

„Лицата што имаат проблеми со срце, со притисок, дијабетичарите исто треба да го избегнуваат палминото масло. Тоа масло ги покачува маснотиите и холестеролот“, вели Јасминка Петрушевска, општ лекар.

Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари изјави дека грижата за народот мора да е императив во оваа држава, и треба да се работи професионално и да се засилат контролите за сите продукти.

„Мора поинаку да се свртат работите, бројот на карциноми е сѐ поголем. Треба да се провери што јадеме, што пиеме, каков воздух дишеме. Институциите се должни да го известуваат народот што е квалитетно. Контролата на тоа што се внесува во државата мора да биде на прво место и да се провери дали она за што платил народот, дали тоа го добил“, рече Чолакова-Дервишова.

Наместо декларираните 20 oтсто млечна маст, во сирењето имало само 1 отсто, наместо млечни масти користеле палмино масло. Агенцијата за храна и ветеринарство,  при вонредни контроли во поголемите синџири на маркети, откри сериозни манипулации и измами на потрошувачите. Од 45 анализирани мостри од млеко и млечни производи, кај дури 10 оператори со храна, утврден е значително помал процент на млечни масти од она што било официјално декларирано.

Казни од 1.050 евра за измама на потрошувачите заработиле уште осум оператори, кај кои се утврдени разлики во декларираниот и реалниот процент на млечна маст во контролираните млечни производи, а се уништени  500 килограми од спорен млечен производ кој содржел  палмино масло. Кај еден оператор со храна, со лабораториско тестирање на мостра од одземените 22 килограми ситно сирење, утврдено е дека се декларирани 20 проценти млечна маст, а производот содржел само 1 процент, за што му е изречена парична казна од 3.500 евра во денарска противвредност.

Сличен проблем претходно имаше и во Бугарија. Кај источниот сосед во 2023 година со додаток на палмино масло биле произведени 12.000 тони сирење. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести