Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како по само еден телефонски разговор, односите меѓу Белград и Скопје се стоплија?!

Како по само еден телефонски разговор, односите меѓу Белград и Скопје се стоплија?!

Односите меѓу Македонија и Србија се стоплуваат. И тоа само по еден телефонски разговор меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев. Итни повици се наметнаа, откако Белград ги повика сите свои дипломати од Скопје, со образложение дека Македонија вршела засилена разузнавачка активност против српските институции со помош на трета страна.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров целосно негираше дека земјава вршела или издавала наредба за шпионажа против која и да е странска држава, вклучувајќи ја и Србија.

Според заедничкото соопштение Вучиќ и Заев се согласиле дека секое можно несогласување треба да се гледа исклучиво преку дијалог. Двете соседни земји ќе ја подобрат комуникацијата на највисоко ниво меѓу себе, ќе се поддржуваат меѓусебно на патот кон Европската унија и ќе ги зајакнуваат добрососедските односи.

Двајцата балкански лидери констатирале дека покрај различните ставови за важни политички и регионални прашања, двете земји ќе се борат за зачувување и промовирање на пријателските односи меѓу македонскиот и српскиот народ. Покрај тоа, тие ќе сторат повеќе за подобрување на економските и трговските односи.

Заев и Вучиќ се согласуваат дека Македонија и Србија врз основа на одредбите од меѓународното право совесно и пријателски ќе ги штитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните мисии на својата територија.

Во заедничкото соопштение по разговорот меѓу Заев и Вучиќ остана впечаток дека никаде не се споменуваат Косово, УНЕСКО или шпионажа. Токму намерата на Македонија да го поддржи усвојувањето на Косово во УНЕСКО првично беше причина за затегнување на односите меѓу Белград и Скопје, а подоцна дојде и тврдењето од страна на Србија дека Македонија ја шпионирала.

Персоналот на српската амбасада во Скопје се враќа денес, а наскоро и амбасадорката. Ова му го соопштил српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, на македонскиот колега Никола Димитров во подоцнежен телефонски разговор. Двајцата министри се согласиле да го завршат дипломатскиот спор меѓу Белград и Скопје во согласност со договореното меѓу Вучиќ и Заев.

Слично

Поврзани вести