По празниците распределба на предметите „Трезор“ и „Тенк“
Обвинетите кои ги товари СЈО барем празниците ќе можат да ги поминат мирно, за потоа кон крајот на јануари да се одржат првите јавни расправи за предметите „Тенк“ и „Трезор, а термините ги одредија судечките совети.
Предметот „Тенк“ е за набавката на екстралуксузниот „мерцедес“, во чии рамки поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и некогашниот шеф на одделот за јавни набавки во МВР Ѓоко Попoвски се товарат дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, додека експремиерот Никола Груевски за примање награда за противзаконито влијание.
За „Трезор“, пак, на обвинителна клупа на крајот на јануари треба да седнат и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски, помошник министерот за информатички технологии, Небојша Стајковиќ, а обвинет е и бегалецот Горан Грујевски. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба поради набавката на опрема за УБК преку фирмата на Коста Крпач, „Финзи“.
