По посетата на Кошта, Марта Кос доаѓа во Скопје во јули
По посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и средбите на македонскиот државен врв со европските лидери, на почетокот на јули во Скопје доаѓа и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Посетата ја потврдуваат извори од Министерството за надворешни работи, кои велат дека таа е најавена и очекувана. Точниот датум на нејзиното пристигнување сè уште не е утврден. Во наредниот период треба да биде дефинирана и агендата на средбите. Посетата доаѓа во период кога повторно се отвора прашањето за деблокада на македонските евроинтеграции.
Таа следува по самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват. Во фокусот е и нон-пејперот на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон за забрзана и постепена интеграција на земјите кандидатки во Унијата.
