По пет години – Дали дедо Љубе ќе го стаса „правдата“?
Во јануари 2018 година по пет години во Основниот суд во Куманово ќе започне судска постапка против 78 годишниот Љубомир Митев од кратовското село Којково, кој сакајќи да се одбрани застрела двајца разбојници, од кои едниот почина а другиот помина со рана.
Во април 2015 година, по барање на адвокатите на Дедо Љубе обвинението беше укинато и предметот се врати во истражна постапка.
Дедо Љубе беше обвинет за три кривични дела, од кој убиство во миг, убиство во обид и недозволено поседување на оружје.
Откако неколку часа го измачувале и му се заканувале дека доколку не им ги даде парите ќе го убијат него и неговата неподвижната сопруга, тој го убил Зоран Златков (28), а со полесна рана поминал Борчо Иванов (30).
„Завршена е истрагата и сега почнуваме од почеток. Подготвени сме за претстојните правни битки и очекуваме правна победа за Дедо Љубе“, истакна неговиот адвокат Христијан Георгиевски од Куманово.
Инаку, разбојништвото се случи на 27 февруари 2013 година во куќата на двајцата старци во планинското село Којково. Двајцата натрапници насилно влегле во нивниот дом и почнале да се изживуваат. На дедо Љубе му ставиле најлон во уста, го турнале на земја и го тепале, а потоа го врзале со јаже за столче, додека бабата ја покриле со ќебе и ја малтретирале. Откако отишле во другата соба да ги бараат парите, тој го искористил нивното отсуство и се одврзал. Заминал до подрумот и ја земал ловечката пушка од која пукал.
Пред почетокот на судењето јавноста бараше ослободување на Дедо Љубе, бидејќи сметаше дека старецот бил нападнат во својот дом и во самоодбрана ги извршил делата за кои се товари.
Разбојникот Иванов кој преживеа е осуден на 8 години затвор.
