По одморите на дневен ред се повеќе интерпелации за министри
ВМРО-ДПМНЕ побара интерпелација за уште повеќе министри од новата Влада и за нив ќе се расправа по одморите.
На седницата на Собранието закажана за 11 септември на дневен ред се три интерпелации на министри.
Станува збор за интерпелациите за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и на министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Сметаат дека Царовска требала да ги консултира граѓаните, а Димитров дека е одговорен за според нив штетниот договор со Бугарија.
ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за Николовски поради неодговорното однесување за време на пожарите, за Царовска поради Стратегија за бегалците, додека за Димитров поради договорот за добрососедство со Бугарија.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесоа барања за интерпелација и на министерот за здравство, Арбен Таравари, на министерот за култура Роберт Алаѓозовски и на министерот за финансии Драган Тевдовски, но тие ќе се најдат на дневен ред на друга седница.
