ПО НЕСРЕЌАТА НА СКОПСКАТА ОБИКОЛНИЦА: Тошковски најави надградба на „Безбеден град“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави итна надградба и дополнителна имплементација на системот „Безбеден град“ на сообраќајниците.
Оваа одлука доаѓа непосредно по тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница каде имаше четири жртви.
Системот користи софистицирана технологија за видео надзор и автоматско препознавање на прекршоци, со цел да се воспостави поголем ред во сообраќајот во главниот град.
Преку воведувањето на овие камери и дигитални контроли се очекува сериозно намалување на брзото и неодговорно возење по булеварите и клучните сообраќајни точки.
„Безбедноста во сообраќајот не е само прашање на казни, туку на свест и култура. Продолжуваме со техничко засилување на контролите, бидејќи една секунда невнимание може да доведе до трајни и ненадоместливи загуби“, вели Тошковски.
Системот „Безбеден град“ годинава почна да функционира во Скопје, Куманово и Тетово.
