По локалните ќе треба да се вратат парите за административците кои земале плата, а не работеле?
Владата ќе чека да завршат локалните избори, a потоа ќе бара одговорност за административците кои земале плата, а со години воопшто не оделе на работа.
Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски веќе објави дека во 2016 година буџетот на Владата е оштетен за повеќе од 800.000 евра бидејќи 166 административци се ставени на платниот список на Генералниот секретаријат, но не оделе на работа.
„Формирана е Комисија за дисциплинска постапка, но работата е ставена во мирување согласно Изборниот законик. Постапката ќе биде продолжена по завршувањето на локалните избори. Владата на РМ упатува на тоа дека за настаната ситуација постои одговорност и кај работодавачот и кај работниците“ – велат од Владата.
Рашковски за Телевизија 24 вели дека по утврдување на одговорноста Владата ќе бара парите за исплатените плати да ги врати тогашниот генерален секретар, Кирил Божиновски или пак административците.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски немаше коментар за вработувањата. Овие вработувања не се однесуваат на административните службеници од албанска националност. Тие се вработени во посебен Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор.
