По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска информираше дека Милка Ристова е назначена за нова претседателка на Комисијата за помилувања.
Во новиот состав уште се Оливер Бачановиќ, Александра Груевска-Дракулевски, Блерта Ахмеди, Драгана Батиќ, Афет Мамути и Доан Сулејманоски.
Изборот на нова Комисија следува откако претходниот состав поднесе колективна оставка по помилувањето на контроверзни ликови од скопското подземје.
Прв на списокот на помилувани се најде Акиф Равмановски чие име во јавноста се поврзува со скопски нарко клан, но и според информации на дел од медиумите учесник во неодамнешната престрелката во скопски Чаир.
Meѓу помилуваните беше и поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талевски кој беше во затвор обвинет во случајот Транспортер и Маријан Ефремов првоосомничен во аферата Шпион. На листата се најде и името на Шенол Маслани од Арачиново. Маслани во 2019 година беше уапсен во голема акција кога полицијата заплени пушки, пиштоли, луксузни автомобили, пари и дрога. Тој беше уапсен под сомнение дека е член на група која се заканувала на полицаец, продавала дрога и поседувала оружје.
Силјновска Давкова рече дека не гледа вина ниту во Комисијата, ниту кај себе, истакнувајќи дека членовите се повлекле од етички причини.
Според неа, Комисијата носи одлуки врз основа на документитација за утврдени лица од страна на затворските управи, при што главниот збор го имаат надлежните судови, кои практично ги дефинираат досиејата за осудениците, а притоа извршната не смее да се меша во судската власт.
