ПО КОЈ ПОВОД ДОАЃА: Шилегов утре ќе го пречека колегата од Атина
Атинскиот градоначалник, Јоргос Каминис, на покана на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, утре ќе го посети Скопје за да присуствува на дел од настаните што се организираат во рамки на одбележувањето на 55 годишнината од скопскиот земјотрес во Скопје.
Од кабинатот на Каминис ја потврдија веста за неговата посета на Скопје.
„Градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, на 22 јуни ќе биде во Скопје, по покана на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за да присуствува на одбележувањето на 55 годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година и одлучувачкиот придонес и на грчки научници и експерти во повторната изградба на градот“- информираа од кабинетот на Каминис.
На крајот на април годинава Шилегов и Каминис во Скопје потпишаа договор за соработка помеѓу двата града во областите на градска администрација, урбаниот развој, заштита на животната средина и природата, културните и туристичките активности, информатичката технологија како и во областа на практики за граѓански ангажман.
Двата града веќе соработуваат и во рамките на мрежата Eurocities каде што ги промовираат трговските контакти.
