По „Јога со Гога“, денеска и „Оброк со Гога“
Гордана Силјановска Давкова, кандидатот за претседател на Македонија, денеска ги повика своите поддржувачи во нејзиниот граѓански штаб на „Рекорд“, односно на булеварот Димитрије Чуповски во Скопје од 15.00 часот заеднички да подготвуваат оброци за социјално загрозените и ранливите категории на граѓани.
„Доколку сте во можност, Ве замолувам да донесете намирници, но и да помогнете во подготовката/пакувањето на оброците. Неколку пати се обидовме да се вклучиме во тековни активности од овој тип, но исто така не сакавме истите да ги политизираме. Затоа решивме да започнеме нова активност, која се надевам, откако ќе станам Претседателка, ќе стане традиција на која ќе се придружат и дипломати и познати личности. Иако првенствено ќе работам политиките кои ќе ги креираме да не создаваат сиромаштија и да нема гладни, преку вакви иницијативи очекувам да се промовира солидарност и хуманизам како темелни вредности на уставниот поредок на Македонија. Oднапред Ви благодарам на сите кои ќе го прифатите овој повик!“гласи повикот на Силјановска.
