СДСМ го избира идниот лидер, Заев до конгресот ќе предложи потпретседатели и заменик
Денеска СДСМ избира нов партиски претседател на првите директни, непосредни, внатрепартиски избори на кои можат да гласаат сите активно регистрирани членови на СДСМ.
Изборите, како што соопштија претходно од партијата ќе се спроведат во сите 80 општински организации на СДСМ од страна на општински изборни комисии и избирачки одбори, на вкупно 237 избирачки места, кои денеска ќе бидат отворени од 08 до 19 часот.
Централната изборна комисија го потврди и го затвори Избирачкиот список, на кој се пријавени за гласање 68 999 членови, обезбеден е избирачки материјал, паравани за тајност на гласањето, избирачки кутии, ознаки и протоколи за заштита на здравјето на сите учесници.
„Сите активно регистрирани членови на СДСМ ќе можат да го остварат своето право на непосредно и тајно гласање за избор на Претседател во својата општина на соодветно гласачко место.Членовите што гласаат, со себе задолжително треба да ја има електронската членска картичка на СДСМ и важечки личен документ за идентификација. соопштија од СДСМ.
Велат и дека овие избори се постулат на демократските вредности, каде прв пат во историјата на нашата држава, самите членови на партијата ќе си го бираат својот претседател.
Актуелниот претседател Зоран Заев е единствениот кандидат кој поднесе кандидатура и програма за следен мандат. Поради тоа на изборите ќе се гласа со „за“ и „против“.
Сепак сите се согласуваат дека колку е извесен неговиот избор денеска, толку е неизвесен конгресот кој треба да се одржи во мај, а на кој ќе се избираат другите раководни позиции.
Моментно заменик на Заев е Радмила Шеќеринска, а потпретседатели се Мила Царовска, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири и Коста Петров. По конгресот, Заев ќе треба да донесе нови кадровски одлуки, односно од списокот на нови членови на Централниот одбор ќе треба да го избере најтесното раководство, односно новиот состав на Извршниот одбор и идните потпретседатели и секретари на партијата, меѓу кои и генералниот секретар.
Има многу шпекулации за тоа кој ќе му бидат најблиски соработници, но нема официјални потврди за промени.
