ПО ИНЦИДЕНТОТ ВО ГОСТИВАР, ПАНИКА ПОЧНА ДА СЕ ШИРИ И ВО СКОПЈЕ: Дали скопската вода е безбедна за пиење? Еве што велат од „Водовод“
По неодамнешниот инцидент со водата за пиење во Гостивар, меѓу скопјани започна да се шири тивка паника и неосновани гласини за наводна неисправност и на водоводната мрежа во главниот град. Водени од страв и непрегледни информации кои брзо се шират „од човек од доверба“, сè поголем број граѓани деновиве купуваат флаширана вода во маркетите.
Поради зачестените дилеми и загриженоста во јавноста, упативме прашања до ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за тоа дали се вршат вонредни проверки и во каква состојба е водата што ја пијат скопјани.
Секојдневни контроли на 36 мерни места во градот
Од јавното претпријатие категорично ги отфрлаат шпекулациите и уверуваат дека водата од скопскиот водовод ги исполнува сите законски и здравствени стандарди за квалитет и безбедност.
„Акредитираните лаборатории, согласно ИСО 17025 стандардот во склоп на Секторот за санитарна контрола, секојдневно земаат примероци од 36 редовни мерни места во градот Скопје. Во овој период од годината водоснабдителниот систем се дополнува и со бунарскиот потег Нерези-Лепенец, кои исто така се вклучени во мониторингот како мерни места. Сите примероци кои се испитани ги задоволуваат критериумите зададени во Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење“, посочуваат од претпријатието за нашиот портал.
Отука додаваат дека јавноста и корисниците секогаш редовно и транспарентно се информираат за исправноста на водата преку официјалните неделни извештаи.
Апел до граѓаните: Не подлегнувајте на дезинформации
Со оглед на тоа што гласините предизвикуваат непотребна тензија, од ЈП „Водовод и канализација“ упатија апел до сите жители на главниот град да не веруваат на непроверени извори.
„ЈП 'Водовод и канализација' – Скопје апелира до граѓаните да не подлегнуваат на непроверени информации. Нема причина за загриженост, бидејќи квалитетот на водата за пиење континуирано се следи преку редовен мониторинг, а сите досегашни анализи потврдуваат дека водата од водоснабдителниот систем е исправна и безбедна за употреба“, потенцираат од претпријатието.
Од Секторот за санитарна контрола потсетуваат дека Скопје се снабдува со вода од еден од најквалитетните природни извори во регионот, а системот е под постојан стручен и лабораториски надзор.
Р.Ф.