Економија, финансии, бизнис

Контакт

По грешка лустрираниот Карајанов ја доби правдата во Стразбур

По грешка лустрираниот Карајанов ја доби правдата во Стразбур

Европскиот суд за човекови права во Стразбур преку пресуда утврди повреда на членовите 6 (правично судење) и 8 (почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права во случајот на Петар Карајанов против Република Македонија. Жалбата беше подготвена од Хелсиншкиот комитет во 2013 година.

Предметот се однесува на постапката за лустрација против Карајанов за кој со решение на комисијата беше утврдено дека „соработувал со органите на државната безбедност во својство на таен соработник“ при што како доказ за неговите активности беше користено досие на друго лице со исто име и презиме. Хелсиншкиот комитет соопштува дека и покрај јавно презентираните неправилности и нивните укажувања во 2013 година, Комисијата за лустрација не го повлече донесеното решение.

„Поради очигледноста на погрешното постапување, Хелсиншкиот комитет на Карајнов му обезбеди правна помош при составувањето на тужба до Управниот суд, а потоа и жалба до Вишиот управен суд. Судовите, неаргументирано, само го потврдија решението на комисијата“.

По исцрпување на сите домашни институционални можности за оспорување на процесот на лустрација, Хелсиншкиот комитет во име на жалителот Петар Карајанов испрати жалба до Судот во Стразбур. Жалителот сметаше дека за време на целокупната постапка за негова лустрација не му беше обезбедено фер и правично судење, целокупното судење се одвиваше во тајност, зад затворени врати и без негово присуство, со што тој немаше пристап до суд и беше поставен во неповолна положба наспроти државните органи што одлучуваа во неговиот предмет.

Kарајанов е роден 1936 година, а во документите на Комисијата лицето Карајанов е родено 1937 година. Вистинскиот Карајанов нема брат и никогаш не патувал во Шведска, за разлика од лустрираниот за кого се наведува дека има брат во Шведска и дека таму се пренесувале информации и се комуницирало со безбедносните служби. Не одговараат ниту податоците за образованието - едниот студирал книжевност, а другиот англиски јазик. Не се совпаѓа ниту времето во кое, наводно, Карајанов кодошел, бидејќи од презентираната воена книшка може да се утврди дека во тоа време тој бил на отслужување на воениот рок. На крајот, Петар Карајанов живеел во Скопје, а не во Гевгелија, како што стои во документацијата.

„Поради тоа беше прекршен принципот на еднаквост на оружјата и контрадикторност на постапката, а одлуките против него не содржеа соодветно образложение за основаноста и причините поради кои се донесени. Според Европскиот суд за човекови права, правото на „јавно судење“ од Член 6 од Европската конвенција за човекови права значи право на „усно сослушување“ кое на Карајнов му било ускратено, како пред Комисијата за лустрација, така и пред управните судови. Според Европскиот суд, образложенијата во пресудите на управните судови не биле во согласност со списите во предметот, а тие не се осврнале на доказите поднесени од Карајанов. Според тоа било повредено правото на јавно судење. Дополнително, според Европскиот суд, на жалителот му било повредено правото на почитување на приватниот и семејниот живот затоа што објавувањето на решението на Комисијата за лустрација пред да стане конечно немало легитимна цел. На Карајнов му биле повредени моралниот интегритет и репутацијата во општеството со што настанала повреда на член 8 од Европската конвенција за човекови права.

Оваа пресуда го потврдува нашето неколкугодишно тврдење дека Комисијата за лустрација работеше како гол инструмент на владејачките партии во отворена политичка пресметка со политичките противници и неистомисленици“, соопшти Хелсиншкиот комитет.

Слично

Поврзани вести