Економија, финансии, бизнис

Контакт

По години чекање: Избран изведувач за Универзалната сала

По години чекање: Избран изведувач за Универзалната сала

По долг период на неизвесност, конечно е избран изведувач за реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје, информираше министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Тој посочи дека евалуацијата на понудите е завршена, а одлуката за избор на изведувач била донесена минатиот понеделник. Сепак, процесот во моментов е во фаза на чекање бидејќи е поднесена жалба, по која треба да се произнесе второстепената комисија.

- Евалуацијата на документацијата заврши и ја донесовме одлуката за избор на изведувач. Чекавме десет дена, но претпоследниот ден беше поднесена жалба. Сега ја чекаме одлуката на второстепената комисија, по што веднаш ќе пристапиме кон потпишување на договорот и почеток на реконструкцијата, изјави Љутков.

Министерот нагласи дека средствата за изградбата веќе се обезбедени и дека очекува овој пат тендерската постапка успешно да заврши, за разлика од претходниот обид кога тендерот пропадна.

На јавниот повик се пријавиле само две компании, а според Љутков, една од нив не ги исполнувала условите поради проблеми со лиценците.

- Очекувавме повеќе кандидати, но се јавија само двајца. Комисијата утврди дека само една компанија ги исполнува сите услови, па затоа донесовме одлука таа да биде избрана за изведувач, рече министерот.

Според тендерската документација, рокот за изградба на Универзалната сала е две години, а ќе започне да тече десет дена по воведувањето на изведувачот во работа.

Новата Универзална сала ќе ја задржи препознатливата форма, но ќе биде целосно модернизирана. Објектот ќе има капацитет од околу 1.200 седишта, современа акустика и нови технолошки системи.

Во рамки на реконструкцијата е предвидено:

  • изградба на нова челична конструкција и нови темели,

  • поставување нова купола,

  • изработка на нова фасада,

  • користење енергетско-ефикасни материјали,

  • како и проверка и зајакнување на постојната бетонска и челична конструкција.

Со реконструкцијата, Универзалната сала – еден од најпознатите културни симболи на Скопје – треба повторно да стане современ концертен и културен центар.


Слично

Поврзани вести