По Дубаи, Грција станува нова дестинација за богатите Индијци – зошто ја бираат оваа земја?
Грција сè почесто се наоѓа на мапата на богатите индиски инвеститори, кои досега традиционално го избираа Дубаи како главна дестинација за бизнис и капитал. Според анализа на угледниот индиски магазин Business Today, интересот за грчкиот пазар расте, но не како замена, туку како дополнување на постојните инвестиции.
Како што пренесува Greek Reporter, главната причина за ваквиот тренд е програмата „Златна виза“, која овозможува престој и слободно движење во Шенген зоната со инвестиција од најмалку 250.000 евра.
За разлика од другите европски земји, Грција нуди пониски влезни трошоци, што ја прави привлечна за инвеститорите кои бараат пристап до Европската Унија.
Експертите оценуваат дека Грција се позиционира како дестинација за „животен стил и мобилност“, со фокус на пасивни инвестиции, зачувување на богатството и долгорочно планирање.
Од друга страна, Дубаи останува клучен бизнис-центар, благодарение на близината до Индија, развиената инфраструктура и даночните поволности.
Во ОАЕ важи нула данок на личен доход, капитална добивка и наследство, што го прави Дубаи исклучително атрактивен за создавање богатство. Грција, пак, нуди т.н. „нон-дом“ режим со фиксен данок од 100.000 евра годишно за глобален приход, но и пристап до европскиот пазар и начин на живот.
Не станува збор за избор меѓу Грција и Дубаи, туку за диверзификација на инвестициите – оценуваат експерти за Business Today.
Заклучокот е јасен: Дубаи останува центар за бизнис и профит, додека Грција станува привлечна како европска база за живот и сигурност во време на глобална неизвесност.
РЖМ / Б. С. Б.Фото: Freepik
