По десетици повици дневно за помош во македонската амбасада во САД
Македонската амбасада во САД информира дека во тековните вонредни услови како последица на пандемијата со коронавирус дневно добиваат над десетина барања од македонски државјани, кои се затекнати таму, а кои не се во можност да патуваат, поради воведените рестрикции и на двете страни од Атлантикот.
Македонски граѓани, меѓу кои и студенти, бараат Амбасадата во Вашингтон да им организира превоз да се вратат дома, објави Гласот на Америка. Ваквите барања пристигнале откако МНР ги повика оние сакаат да се вратат дома, да се јават во надлежните дипломатски претставништва.
„Амбасадата е во редовен контакт со Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, како и со Стејт департментот на САД, со цел да се изнајде начин македонските државјани безбедно да се вратат дома. Заедно со Конзулатите во Њу Џерси, Детроит и во Чикаго, имаме секојдневна комуникација со нашите државјани кои се затекнати“ велат од Амбасадата за Гласот на Америка.
И покрај ситуацијата со КОВИД-19, дипломатското преставништво ќе биде отворено и достапно за сите граѓани на кои им треба помош и во наредниот период. Во МНР до вчера имаше околу 350 барања за организирање превоз од другите континенти.
