По 30 дена притвор добија директорката и двајца раководители на гостиварски „Комуналец“
По 30 дена затворски притвор добија тројца осомничени – Арта Асани директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар и раководителите Леон Уредини и Вадедин Дервиши, одлучи судијата на претходна постапка Ќирко Михајлоски од гостиварскиот суд.
Тие ќе бидат упатени во затворот во Шутка. Михајлоски го прифати предлогот на Јавното обвинителство кое претходно денеска побара притвор за тројцата осомничени бидејќи се сомнева дека директорката и раководителите им дале наредби на вработени да постават потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата во градскиот водовод, што придонело водата да се загади и во градот беше прогласена епидемија.
Обвинителството ги товари Асани, Уредини и Дервиши за кривично дело „тешки дела против животната средина и природата“ за кое казната е од четири до максимални 20 години затвор.
Надлежниот Обвинител за случајот од ОЈО Гостивар, Хазби Исени, рече дека засега истрага е насочена само против тие три лица, но ќе може да се прошири и на други лица и институции во зависност од доказите што ќе произлезат.
