По 25 години труд, македонскиот Караман доби меѓународно признание
Македонскиот Караман, автохтоната овчарска раса што со векови била дел од македонските планини, конечно е впишан на меѓународната кинолошка мапа. Со условното признавање од Светската кинолошка федерација, Караман стана првото признато македонско овчарско куче со самостојно национално потекло.
Зад ова признание стојат повеќе од две децении посветена работа, истражувања и селекција. Од Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче Караман“ велат дека ова е голем успех за македонската кинологија и за националното наследство.
Претседателот на клубот, Илија Ико Каров, оценува дека Караман не е само нова раса во светските регистри, туку и симбол на истрајност, љубов и визија. Според него, расата е создадена преку природна селекција, а човекот само помогнал тоа што го обликувала планината да добие и научна потврда.
Во процесот на признавање значајна улога имало и научното истражување на д-р асс. Димитар Божиновски од Ветеринарниот факултет во Скопје. Преку компјутерска томографија и генетски анализи, тој утврдил јасни разлики меѓу Караманот и шарпланинецот, со што дополнително била потврдена посебноста на расата.
Караман за првпат официјално беше претставен во 2010 година, а веќе во 2011 доби и своја поштенска марка. Денес, по четврт век работа, ова македонско овчарско куче конечно го доби местото што му припаѓа во меѓународното кинолошко семејство.
