Петрушевски: Дваесет и седум тони канабис одземени во Струмичко – под истрага фирма поврзана со СДСМ
Над две третини од вкупно 27 тони запленета дрога потекнуваат од фирма поврзана со кадар на СДС и соработник на поранешниот премиер Зоран Заев, соопшти ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, изјави дека станува збор за фирмата „ЦБД Медплант“, која формално е во сопственост на Христијан Котев, но, како што рече, реалната контрола ја имал неговиот татко Тони Котев, познат како М’гчев, поранешен претседател на општинската организација на СДСМ во Ново Село.
„Во периодот од 30 јуни 2025 година до ноември 2025 година, оваа фирма има испорачано 19 тони марихуана кон фабрика во Скопје, согласно документацијата. Дополнително, утринава од струмичката фирма биле изнесени уште 21 тон дрога“, изјави Петрушевски.
Тој посочи дека фирмата добила дозвола за одгледување канабис за медицински цели во 2020 година, за време на владата предводена од СДСМ, и оцени дека лиценците во тој период се доделувале „врз основа на политичка блискост“.
„Уште тогаш укажувавме дека лиценците за медицински канабис се добиваат исклучиво по блискост со СДС, односно со Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче“, рече Петрушевски, додавајќи дека во 2020 година биле доделени дозволи и на други фирми поврзани со лица од Струмичко.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа Јавното обвинителство да отвори истрага и да одговори на прашањата дали постои вмешаност на поранешни високи функционери во случајот.
„Бараме да се утврди дали има улога на Зоран и Вице Заев во овој случај, зошто Заев се интересирал кај Царинската управа и дали постои финансиска корист од овој криминал“, истакна Петрушевски.
Тој оцени дека, како што рече, „струмичкиот нарко-картел функционирал како во времето на Пабло Ескобар“, додавајќи дека „и на овој картел му доаѓа крајот“.
