ПЛИВАЊЕТО И НУРКАЊЕТО НЕ ПРЕДИЗВИКУВААТ ВОСПАЛЕНИЈА НА УВОТО КАЈ ДЕЦАТА: Причината е бактерија, може да предизвика и губење на слухот
Летниот одмор
наместо уживање и релаксација за многу родители, особено на оние на помалите
деца може да стане вистински пекол пред се поради влошување на здравјето на
децата како резултат на многу бактерии активни во летниот период. Дел од младите
родители со кои поразговара Фактор пред време го завршиле годишниот одмор
поради тоа што децата ги вратиле назад со висока температура и силна болка во
увото, сметајќи дека тоа се должи на повеќечасовното нуркање во морска, езерска
и вода во базен.
-Мојот син има 6 години. Веќе две години самостојно плива, но особено сака да нурка. По само четири дена во Грција почна да се жали на болка во десното уво, но и да поткашлува. Од тоа што редовно носам лекарства на секое наше патување му дадов само сируп парацетамол мислејќи дека ќе му се смири состојбата, дека сме на море и дека веднаш ќе заборавиме на загрижувачките моменти. За жал, не беше така. Веќе на шестиот ден се вративме во Скопје бидејќи Филип разви многу висока температура, а болките во увото станаа уште поинтензивни. Навистина мислев дека е од нуркањето, но причината била бактерија, вели Славица Р.
Неубаво летно искуство сподели уште еден родител кој вели дека годишниот одмор морале да го прекратат по само три дена, исто така како резултат на силни болки во увото.
Според микробиолозите, причина за ова не е нуркањето во вода, туку бактеријата Moraxella catarrhalis која предизвикува инфекции на средното уво кај децата над тримесечна возраст.
Акутно воспаление на средното уво е бактериска или вирусна инфекција која обично ја придружува инфекција на горниот респираторен тракт. Кај новороденчиња, акутното воспаление на средното уво е предизвикано од грам-негативни цревни бактерии, особено Escherichia coli и Staphylococcus aureus. Кај постарите лица и кај децата помлади од 14 години, најчести патогени микроорганизми се Streptococus pneumoniae, Moraxella catarrhalis и Haemophilus influenzae, додека почестите патогени микроорганизми се од групата А хемолитички стрептококи и Staphylococcus aureus. Овој вид инфекција се појавува брзо и е придружена со оток и црвенило во увото зад и околу тапанчето на ушите. Најчестите симптоми се треска, гадење, повраќање, дијареа, силна болка во главата и увото, губење на слухот, отежнато спиење, вртоглавица.
Родот Moraxella, има многу претставници (Moraxella catarrhalis, lacunata, oloensis, nonliquefaciens итн.) Некои од нив се нормални жители на орофаринксот, некои на мукозни мембрани на кожата или гениталниот тракт. Под одредени услови, тие стануваат патогени и предизвикуваат инфективен процес.
Оваа бактерија е широко распространета низ целиот свет, а најчесто се среќава во овој период од годината. Честотата е 75% кај децата и околу 1-3% од возрасната популација.
Она што е важно да се напомене, велат педијатрите е дека бактеријата не е чувствителна на пеницилин, амоксицилин, ампицилин, ванкомицин, но ИМА добра чувствителност кон комбинирани пеницилини: амоксицилин-клавулон, цефалоспорини со широк спектар, тетрациклини и еритромицин.
Спроведувањето на антибиотски третман, во случај на изолирана Moraxella, се спроведува само од самиот лекар и под контрола, а потребата од употреба на локални или системски антибиотици треба строго да се процени. Третманот обично е потребен кога има присуство на специфични клинички симптоми.
Анита Буховски
ФОТО: Unsplash/Leo Rivas