ПЛЕНКОВИЌ: Во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија
Хрватска останува подготвена да помогне на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија, вели хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по средбата со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски.
Тој вели дека Хрватска ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Северна Македонија кон Унијата.
„Во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и созреа времето кога сето тоа треба да се респектира“, изјави Пленковиќ.
Додаде дека нашата земја направила многу отстапки.
„Мислам дека толку отстапки се направени од македонска страна што ретко која држава би прифатила да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската Унија“, вели хрватскиот премиер.
Мицкоски вели дека неправдата која е нанесена на земјата во изминатите две и пол децении е голема и дека се направени отстапки како никој друг, тргнувајќи од привремената рефренција на името на државата, преку менувањето на знамето и банкнотите, до промената на името на државата со Преспанскиот договор.
„Ние имаме многу внатрешни проблеми и тие ќе ги решаваме и тука не треба да има дилема, ќе работиме колку е потребно. Ние направивме доволно сега треба некој да ни ја подотвори врата за да можеме да влеземе во таа просторија за да почнеме да преговараме и да покажеме колку можеме“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека земјата е во еден вртлог во којшто нема извесен крај, иако желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на ЕУ е голема.
