Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПЛАТИТЕ РАСТАТ САМО НОМИНАЛНО - Дали просекот е реален приказ за приходите на граѓаните?!

ПЛАТИТЕ РАСТАТ САМО НОМИНАЛНО - Дали просекот е реален приказ за приходите на граѓаните?!

Последните податоци кои ги објави Државниот завод за статистика покажуваат нов раст на просечната исплатена нето плата за месец април. Бројките велат дека просекот надминува 36 илјади денари, а претходниот месец за малку не достигна 35 илјади денари.

Но, иако бројката официјално е зголемена, граѓаните се жалат дека платите не им се зголемуваат, а дополнително поради инфлацијата одвај врзуваат крај со крај. Економисите пак, потенцираат дека официјалните бројки не се доволни, и дека наспроти растот на просекот, факт е дека се намалува вредноста на платите.

-  Не е сосема точно да се каже дека просечната плата расте. Расте номиналната просечна плата, но реалната просечна плата – паѓа. Оваа разлика помеѓу номиналната и реалната плата мора редовно да се комуницира од медиумите до граѓаните, но за жал, иако Заводот застатистика редовно објавува податоци и за движењето на реалната просечна плата, тоа речиси никој од медиумите не го прави. И известуваат само за промените на номиналната просечна плата. Па така, додека номиналната просечна плата во последната година се зголемила за цели 13 отсто, реалната просечна плата се намали, наместо да се зголеми, за минус 1,7 проценти – укажува економистот Здравко Савески.

Савески за „Фактор“ појаснува дека втората одговорност на медиумите при известувањето за движењето на просечната плата, а со оглед што многумина наши сограѓани ја мешаат просечната со средната плата, е при известувањето да се наведе и дефиницијата на просечната плата. Односно да се потенцира дека просечната плата е просек од сите плати што сеисплатени, а не точка на пресек под која се 50 отсто од вработените и над која се другите 50 проценти од вработените.

- Фактички, над 85 отсто од вработените земаат плати под износот на просечната плата, а над неа земаат помалку од 10 проценти од вработените, заедно со работодавачите. Номиналниот пораст на минималната плата не е главниот фактор што го зголемува номиналниот пораст на просечната плата. 

Најдобар показател е што минималната плата беше замрзната 12 месеци, а во текот на тие 12 месеци просечната плата се зголемуваше.  Ако на едната страна од просекот ги имате платите на само 10 отсто од вработените и работодавачите, а на другата страна платите на дури 85 проценти од вработените, тогаш самите овие бројки кажуваат дека порастот кај платите на привилегираните 10 отсто силно го влече просекот на платите нагоре – појаснува Савески.

Петранка Огнаноска

Слично

Поврзани вести