Платата на вработените во „Комунална хигиена-Скопје“ се зголемува за 2.000 денари
Зголемување на платите за 2000 денари ќе имаат вработените во скопското јавно претпријатие Комунална хигиена-Скопје.
Ова денеска го соопшти директорот на компанијата Зухди Енуз, на прес-конференција. Платата се зголемува согласно измените на минималната плата, а тоа ќе се случи за прв пат по 16 години.
Енуз пред четири месеци беше назначен од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за в.д. директор на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Одлуката ќе започнеме да ја имплементираме веднаш, со следната-априлска плата и премногу сум задоволен што ова историско покачување ќе се реализира токму во мојот мандат на раководење со Претпријатието, затоа што сметам дека вработените во ЈП Комунална хигиена-Скопје навистина заслужуваат нивниот труд да биде соодветно вреднуван и награден“, рече Енуз на денешната прес-конференција.
