Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПЛАТА ЗЕМАА ЛИЦА КОИ НИКОГАШ НЕ СМЕ ГИ ВИДЕЛЕ НА РАБОТА - Директорката Шабани откри скандал и доби прераспределба

ПЛАТА ЗЕМАА ЛИЦА КОИ НИКОГАШ НЕ СМЕ ГИ ВИДЕЛЕ НА РАБОТА - Директорката Шабани откри скандал и доби прераспределба

Организациската директорка на Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје, Миранда Шабани ќе биде прераспределена на друго работно место откако објави уште еден скандал поврзан со работењето во Заводот. 

Од Министерството за здравство попладневно на кратко објавија дека Шабани доставила до Министерството известување со одредени наводи за злоупотреби во Заводот.

- Дописот со останатиот материјал доставен до МЗ, ќе се разгледа и ќе се постапи во рамки на законот. Што се однесува до мандатот на Шабани, на неа мандатот нема да ѝ се продолжи и ќе се прераспредели на друго работно место - е соопштено од МЗ. 

Како што објавија дел од медиумите, во нивните редакции вчера пристигнала најава дека денеска ќе се одржи штрајк во дворот на Заводот, но, штом новинарите пристигнаа таму, беше соопштено дека нема такво нешто.

Шабани, во пишана изјава за медиумите, потврдува дека штрајкот бил најавен вчера и оти на најавата, како што вели, одговорила дека правото на протест е загарантирано со Устав и дека го почитува.

- Дури и го подржувам штрајкот затоа што во институцијата каде што ја извршував функцијата како организациски директор, плата земаа лица кои што никогаш не сме ги виделе на работа. Лица кои што никогаш не биле потпишани во книгата за евиденција. Како организациски директор, побарав од медицинскиот директор, правен сектор и секторот за човечки ресурси, на лицата кои не доаѓаат на работа, да им се прекине договорот. Директорот не прифати, поради само нему познати причини. За да не се оптовари буџетот на институцијата, решив да не ги потпишам платите. Им се извинувам на сите чесни вработени, кои даваат труд и пот за оваа институција и што не биле исплатени на време, но, мислам дека оваа работа треба да се реши за да и на нив утре им се исплати трудот - посочи Шабани за „Слободен печат“.

Таа била директор во оваа институција шест месеци, период, за што како што вели, „не бил доволен за да се откријат сите неправилности“.

– Во првиот момент кога го видов планот за актуелните вработени што беше составен по барање на Фондот за здравство и планот за нови вработувања, сфатив дека податоците не се совпаѓаат и решив да не потпишам. Дали јас ќе бидам разрешена, или нема да ми се продолжи мандатот, тоа е најмал проблем во оваа институција. Битно е да се платат тие што работат, а не тие што не доаѓаат на работа - наведува Шабани.

Фото: МИА

Слично

Поврзани вести