ПЛАТА ОД 300.000 ДЕНАРИ Е УСЛОВ: Нема кој да ги управува „Ер тракторите“ на ДЗС
Нема кој да ги управува „Ер тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС), а плата во висина од 300.000 денари е услов за враќање на двајцата обучени пилоти од пензија.
Од тројца пилоти со кои располагаше Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), оваа година остана само со еден, откако двајца исполнија услови за старосна пензија. Авио-одделението на Дирекцијата е сѐ уште нефункционално и покрај предупредувањата на директорот на ДЗС Беким Максути дека „дополнителен предизвик ова лето ќе биде справувањето со шумските пожари“.
Во разговор за МИА, Максути вели за да се вратат двајцата обучени пилоти, ДЗС бара од Министерството за финансии плата во висина од 300.000 денари. Според него, работното место пилот во ДЗС со плата од 72.000 денари е неатрактивно и затоа посочува дека потребно е порамнување на платите на државно ниво.
За да може да извршува летови авио-одделението на ДЗС, потребни се минимум тројца пилоти. Максути вели Дирекцијата не смее да извршува задачи со еден пилот, односно мора да има уште минимум двајца пилоти. Како што појасни директорот на ДЗС, според правилата пропишани од Европската асоцијација за цивилно воздухопловство (ЕАСА), пилотите пред секој лет вршат меѓусебна контрола за нивната психичка и физичка подготвеност.