ПЛАНИНАТА СЕРТА И ПОНАТАМУ ВО ПЛАМЕН - пожари на повеќе локации во Македонија, гори шума и трева
Планината Серта и понатаму во пламен, и тоа на дури четири локации. Истовремено во Македонија утрово активни се девет пожари на отворен простор. Во изминатото деноноќие пак, имало уште повеќе пожари, бидејќи во текот на ноќта биле изгаснати 17 пожари, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
- Се уште е активен пожарот на планината Серта, кој се простира на три општини како четири самостојни пожари. Во општина Неготино, во атарот на село Калањево, каде гори ниска вегетација и шума, во Општина Конче, кај селата Горни и Долни Липовиќ, каде гори нискостеблеста шума - бор, во Општина Штип, на местото викано Патрик, каде гори смрек, дабова шума и мешовита шума и во општина Штип, меѓу селата Драгоево и Селце, на месноста викаба Хаџи Реџепли е зафатена ниска вегетација и грмушки - се наведува во соопштението.
Посочуваат дека пожарот кој започна пред 4 дена во атарот на село Пепелиште, Општина Неготино влезе на територија на Штип. Посочуваат дека во текот на вчерашниот ден било интервенирано на делот во општина Штип со екипа на Шумаско стопанство од 1 теренско возило и 4 вработени и 83 припадници на АРСМ и непознат број од страна на Неготино кои продолжиле со гасење на пожарот. Во текот на денот патниот правец Штип Неготино беше затворен за сообраќај во 19.50 часот.
- Пожарот е активен и ќе продолжи да се гаси во текот на денешниот ден. Гори мешана шума, смреки и сува трева, а загрозени се објекти во близина се патот Штип - Неготино, приватно ловиште „Лакавица – Патрик“, репетитори на мобилни оператори и имоти на граѓани - посочуваат од ЦУК.
Инаку денес активни се пожарите и во Општина Ново Село, над село Бадилен, каде е зафатена борова шума и во Општина Чашка, кај селата Дреново и Долно Јаболчиште, каде е зафатена мешовита шума.
Активни пожари има и во Општина Долнени, во село Црнилиште (нискостеблеста вегетација), кај селата Слепче и Гостиражни гори ниска и сува вегетација (трева и нискостеблеста шума) и во Општина Гевгелија, меѓу селата Негорци и Кованец, каде гори даб, смрека, прнар и сува трева.
Во изминатото деноноќие изгаснати се вкупно 17 пожари. Во околината на Скопје биле изгаснати три пожари, во општина Сарај, кај село Горно Крушопек, во Општина Аеродром, во населбата Долно Лисиче и во Општина Арачиново, во село Арачиново.
Од ЦУК посочуваат дека биле изгаснати пожари и во општините Могила, Битола, Валандово, Кичево, Македонски Брод, Велес, Берово, Македонска Каменица, Кочани, Виница, Делчево, Куманово и Липково.
Допоплнуваат дека продолжува периодот на сончево и многу топло време со максимална дневна температура која насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C поради што до крајот на следната работна седмица ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури. Промена на временската состојба се очекува од петок.
Фото: ЦУК
