Пламените јазици го голтаат Порече и околината, кој ќе сноси одговорност за пустошот?!
Пожарите кои со денови беснеат во Поречието и кои веќе проголтаа стотици хектари шума се срам и пораз за институциите кои ненавремено реагираа и наместо сериозно да се зафатат со проблемот додека сè уште пламените јазици не го зафатија целиот регион, меѓусебно си ја префрлаа вината и се надмудруваа– вели за Фактор Златко Петровски - претседател на месната заедница. Состојбата на терен во моментот како што вели е крајно критична, пожарот се шири, па сега веќе ова не е проблем само на Поречието туку и пошироко.
“Огнот ја помина планината Сува гора и се движи во неколку населени места. Од другата страна на планината се наоѓа Гостивар и неколку села кои гравитираат во оваа област кои се во сериозна опасност. Екипите на армијата се тука, пешадијата на македонската армија е тука присутна. Хеликоптер се обидуваше да ја стиша огнената стихија, но не до крај поради големиот чад и оган што се протега низ целата планина. Противпожарни екипи исто така се наоѓаат на теренот, се борат да ја одржат огнената линија да не се префли на неопожарениот дел. Се надевам така ќе остане, се обидуваме со сите сили да се бориме со огнот, со голем напор, но за жал не со голем успех” – раскажува Петровски.
Додека директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу се сомнева дека пожарите кај Требовље и Козјак се потпалувани и побара истрага од МВР бидејќи два пати пожарот во тој предел бил локализиран, и двапати повторно се разгорувал, Петровски смета дека надлежните потфрлиле во навремената реакција. Па наместо целосно да ги изгаснат пожарите уште на самиот почеток, тие како што вели меѓусебно си ја префрлале надлежноста и одговорноста.
“Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување дојде со огромен број на луѓе вработени во дирекцијата на терен, но да бидам искрен многу малку завршија работа. Целиот терет остана на припадниците на армијата и локалното население кое е директно засегнато и најзагрижено. Не знам дали се работи за подметнат пожар, органите на прогонот треба да се позанимаваат со ова прашање доколку е вистина да го најдат и да го санкционираат сторителот”- додава Петровски.
Според него мора да има одговорност за оваа состојба која опустоши цел регион кој важеше за недопрена природа и воздушна бања за граѓаните.

“Морам да кажам дека ова е голем пораз и срам за сите нас, изгореа и сè уште горат илјадници хектари борова шума со непроценлива вредност. Се прашувам кој ќе ја сноси одговорноста или целата работа повторно ќе се сведе на вообичаената пракса на пренесување на одговорноста од еден на друг, од дирекцијата на локалната самоуправа и обратно. Во секој случај сметам дека Дирекцијата е директно одговорна за сите вакви случувања и надминување на елементарни непогоди бидејќи навреме не реагираа. До ова немаше да дојде доколку Салиу не го прифати барањето на жителите, ние алармиравме уште кога беше зафатен мал дел и самите успеавме да го локализираме пожарот. Но требаше да се превземат навремени надлежните пожарот на време да се изгаси и да се стави под контрола. Истиот тој надлежен ми рече дека немам право од него да барам такво нешто, туку тоа морало да го бара градоначалникот на општината. Јас се обратив како загрижен граѓанин и очекував Дирекцијата која е надлежна и должна да интервенира веднаш. Потоа почнаа меѓусебните препукувања меѓу општината и дирекцијата, кој на кого ќе напише и испрати барање и писмо, додека регионот беше во пламен. Очекуваме да се исполни она што го најави владата, сега пожарот има голем замав, беше најавено дека ќе стигне странска помош, се шири секаде и сега не може да се сопре така лесно. Се прашувам како ќе се локализира, од пилотите на хеликоптерите разбрав дека огнот се шири брзо на другите локации. За жал кај нас проблемот е што за одговорноста на лицата кои се на чеко на интитуциите нема казнивост. Кога ова ќе го надминеме и кога ќе се бара директна одговорност може да очекуваме резултати” –порачува Петровски од месната заедница.
И.М.
