Плаќаш 1 евро, добиваш куќа и до 100.000 евра: Италија нуди преселување под овие услови
Неколку општини во Италија веќе со години нудат напуштени куќи за симболична цена од едно евро, но регионот Трентино оди чекор подалеку – нуди и значителна финансиска поддршка за сите што ќе одлучат да се преселат и да ги обноват овие имоти.
Од 2026 година, Трентино обезбедува до 100.000 евра за купување и реновирање на напуштени куќи. Во програмата се вклучени 33 населени места, а регионалните власти издвоиле вкупно 10 милиони евра за следните две години, со цел да се оживеат руралните средини и да се зголеми бројот на жители.
Програмата не е ограничена само на италијански државјани – можат да аплицираат и странци, но под одредени услови:
- да имаат право легално да купат недвижност во Италија
- државјаните надвор од ЕУ да поседуваат соодветна виза или дозвола за престој
Апликациите се поднесуваат во два рокa:
- од 19 мај до 30 јуни
- од 8 септември до 23 октомври
Доделените средства се строго наменски:
- до 20.000 евра за купување на имот
- до 80.000 евра за реновирање
Кандидатите се обврзуваат да живеат во куќата најмалку 10 години или да ја издаваат по прифатлива цена. Во спротивно, ќе мора да ги вратат средствата.
Дополнително, вкупната вредност на реновирањето не смее да надмине 200.000 евра, што значи дека апликантите можат да вложат сопствени средства до максимум 120.000 евра.
Интересно е што во програмата не можат да учествуваат лица помлади од 45 години кои веќе живеат во регионот.
Оваа иницијатива е дел од пошироките напори на Италија за зачувување на културното наследство, оживување на напуштените села и справување со демографските предизвици.
За многумина, ова претставува можност за нов почеток во еден од најживописните делови на Европа – опкружен со планини, природа и вински региони, со сериозна финансиска поддршка од државата.
