Пладневен протест пред Собрание: Или ќе опстанеме како народ, или ние Македонците ќе изумреме
На социјалните мрежи се шири нов повик за учество на денешните протести против уставните измени кои за разлика од претходните денови ќе започнат во 12 часот. Протестот е закажан вообичаено пред Собранието на Република Македонија.
„Ние Македонците имаме сопствена држава еднаш на 1000 години и нема да дозволиме сега кога имаме сопствена држава сами да извршиме самоубиство и да прифатиме некаква промена на името. Немаме друга опција - или крај за нашиот Македонски народ или ќе останеме да постоиме како Македонци. Ве повикуваме сите вас да ни се придружите и да дадете се од себе во битката за одбрана на нашето име Македонија. Ова е битка на се или ништо! Ова е битка во која Мајка Македонија гледа и плаче и бара помош. Да знаеме Македонија е се што имаме“, велат од Бојкотирам.
Засега од опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема официјален став за одржување на нови протести и демонстрации, освен што пратениците на оваа партија нема да учествуваат на утрешната собраниска дебата за уставните измени. Во објавата на движењето „Бојкотирам уставни“ измени повикани се членови и симпатизери на сите партии.
„Над Македонија лебди еден дух - духот на Македонија! Македонци од сите политички партии - од ВМРО, од СДСМ, од Левица, од сите политички партии обединете се под знамето на Македонија!!! Македонија е нашата татковина и нашето име е Македонија!!! Или ќе опстанеме како народ, или ние Македонците ќе изумреме и ќе исчезнеме. Токму затоа по секоја цена мора да го одбраниме нашето име“ соопштуваат од Бојкотирам.
Повикот на Бојкотирам уставни измени го споделуваат и членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, но официјална поддршка од раководството или членовите на Извршниот комитет засега нема.
