Пивоваров: Од уапсени деведесетина царински службеници, само три отсто осудени
Владимир Пивоваров, актуелен Национален координатор за гранично управување во Владата, вели дека од уапсени деведесетина царински службеници и толку полициски службеници, само 3 отсто од нив завршиле со осудителна пресуда.
„Од мојата долгогодишна практика увидов дека колку и да апсите криминални службеници, поради недостиг на ефикасно спроведување на судската практика, репресијата во функција на превенција не ги дава очекуваните резултати. Од уапсени деведесетина царински службеници и толку полициски службеници, само 3% завршија со осудителна пресуда. Ваква е сликата и во регионот. За жал, кај нас последнава година за случаи на докажана корупција (видео снимки, процесуирани пари дадени како поткуп) пресудите беа условна казна. Доколку имаме ваква казнена политика тогаш само ја поттикнуваме корупцијата, а нема да можеме да ја спречиме. Вообичаено ударна вест во медиумите е токму лишувањето од слобода на корумпирани државни функционери и државни службеници, но никогаш медиумите не ја следат судбината на кривичната пријава - дали е осудителна или ослободителна“, вели безбедносниот експерт за ДВ.
Коментирајќи ја корупцијата во земјата, тој укажува дека не треба да се бараат изговори дали таа е на високо или на пониско ниво, бидејќи секое ниво таа е штетно за државата и тој проблем треба да се решава пред да биде предоцна.
