Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПИРОМАНИТЕ ПРИ ПОДМЕТНУВАЊЕ НА ПОЖАРИ ЧУВСТВУВААТ ВОЗБУДА: Психолог објаснува дека овие луѓе не можат да ги контролираат своите нагони

ПИРОМАНИТЕ ПРИ ПОДМЕТНУВАЊЕ НА ПОЖАРИ ЧУВСТВУВААТ ВОЗБУДА: Психолог објаснува дека овие луѓе не можат да ги контролираат своите нагони

Пироманите чувствуваат интензивен нагон да подметнуваат пожари, вели психологот Наташа Бекирова.

Таа објаснува дека овие луѓе не можат да ги контролираат емоциите и уживаат во предизвикувањето на пожари. Додава дека луѓето кои страдаат од нарушувањето често остануваат непознати за властите, но и самите не бараат помош. Тие на некој начин се фасцинирани од огнот и подметнуваат пожари. Предизвикуваат пожар, создаваат страв и паника кај луѓето, ги гледаат последиците. Се смета дека и трауматичните искуства од минатото можат да влијаат на појава на пироманија кај едно лице.

„Пироманијата е психијатриско нарушување кое спаѓа во групата на нарушувања на контрола на импулсите, според Дијагностичкиот и статистичкиот прирачник за ментални нарушувања (DSM-5). Лицата со пироманија чувствуваат интензивен нагон да подметнуваат пожари, и покрај тоа што се свесни за опасностите и последиците. Пироманијата е ретко нарушување, а точната распространетост е тешко да се утврди, бидејќи многу луѓе со овој проблем не бараат помош или не се откриени од властите. Проценките покажуваат дека пироманијата е почеста кај мажите, особено во адолесцентниот период. Нагоните за подметнување пожари кај пироманите се интензивни и често тешко се контролираат без помош. Лицето може да почувствува силен наплив на возбуда или олеснување при самото подметнување на пожарот, но и чувство на вина и каење по настанот. Подметнувањето пожари кај пироманите често предизвикува чувство на возбуда, задоволство, па дури и еуфорија. Меѓутоа, овие емоции можат да бидат проследени со чувство на вина, страв од откривање или депресија“, додава Бекирова.

Објаснува дека нив им треба психолошка помош за да се изборат со нагонот за подметнување на пожари.

„Пироманите имаат потреба од терапија и третманот најчесто вклучува когнитивно-бихејвиорална терапија (CBT), која им помага на лицата да ги идентификуваат и контролираат своите импулси, но и медикаментозна терапија, доколку е потребно. Поддршката од терапевт или психолог е клучна за управување со ова нарушување и за превенција од понатамошни опасни активности“, изјави Бекирова.

Во светот се правени истражувања со луѓе кои повеќе од еднаш подметнале пожари, но на една таква анализа се испоставило дека од 90 луѓе, само 3 се пиромани и ги исполнуваат критериумите кои укажуваат на ова нарушување.

Македонија летово се соочи со големи шумски пожари, а за голем дел од нив има сомнежи дека некој ги подметнал, дури имаше случај каде татко и неговите синови беа фатени во околината на Скопје со туби со бензин во шума. Тие запалиле сува трева, но брзо потоа откако очевидец ги пријавил, беа уапсени.  Маж од околината на Радовиш признал во полиција дека подметнал пожари. Маж од Прилеп исто подметнал повеќе пожари. За еден месец имаше 12 уапсени за пожарите. Вакви пожари во Македонија немало со години. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести