Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пиргова: Секоја влада во Бугарија би паднала доколку отстапи од бугарската позиција

Пиргова: Секоја влада во Бугарија би паднала доколку отстапи од бугарската позиција

Бугарскиот политиколог Марија Пиргова вели дека дали односите меѓу Македонија и Бугарија ќе се променат на подобро, по посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на земјава, е прашање кое си го поставуваат новинарите, аналитичарите и политичарите.

Но, таа додава дека секоја влада во Бугарија би паднала доколку отстапи од бугарската позиција.

„Во Бугарија и Македонија има нови влади. Од нив се очекува да најдат нов пат за односите меѓу двете земји, кои досега беа замрзнати. Во 2017 година беше потпишан договор за пријателство и соработка, но тој не придонесе за промени. Во 2018 година Бугарија официјално го покрена прашањето за пристапување на Западен Балкан во ЕУ. Но, ниту ова не стана основа за нов разговор меѓу македонските и бугарските политичари. Бугарскиот премиер Кирил Петков неделава беше во прва посета на Македонија. Ова се случи откако во Бугарија се појавија позициите на бугарскиот претседател Румен Радев и Владата. Во нив има нијанси. Претседателот и парламентарните партии се согласија дека прво мора да се решат споровите меѓу Бугарија и Македонија – признавање на заедничката историја на двете земји до 1944 година, на бугарското малцинство и на правата на Бугарите во Македонија. По прифаќањето на оваа позиција, премиерот Кирил Петков рече дека овие прашања треба да се решаваат заедно со развојот на економските, инфраструктурните и културните прашања меѓу земјите. Тој е од попрагматична млада партија и ја претставува помладата генерација. За него поставувањето на некои конкретни задачи за двете влади ќе биде попродуктивно. Поради тоа, при посетата на Скопје, се отворија прашања не само за историјата и бугарското малцинство, туку и за летот Софија-Скопје, за нов граничен пункт, за деловни контакти. Бугарија не крие дека е заинтересирана за влез на Македонија во ЕУ“, вели Пиргова.

Таа додава дека во исто време, јасно е дека ниту еден политичар во Бугарија не може да ги надмине емоциите на бугарските граѓани поврзани со борбата на револуционерите за слободата на Македонија, илјадниците бегалци кои дојдоа од Македонија во Бугарија и фактот дека сите тие се чувствуваат Бугари.

„Нив им е јасно дека Македонија во последните 70 години е под југословенско влијание и Бугарија стана туѓа за новата македонска држава. Секоја влада во Бугарија би паднала доколку отстапи од бугарската позиција. Значи, проблемите се исклучително сложени. Кирил Петков и Димитар Ковачевски беа многу пријателски расположени и оставија впечаток дека односите наеднаш ќе се променат и ќе се решат прашањата. Но, дури следниот ден македонските медиуми објавија други сигнали. Сметаат дека секое разбирање со Бугарија е речиси повлекување од бугарската позиција. За жал, таков став искажа и македонскиот претседател. На македонската Влада ќе и биде тешко исто како и на бугарската Влада. Интервенцијата на големите сили на Балканот секогаш ги попречувала односите меѓу балканските држави. Дури и сега, САД, Русија и ЕУ се подготвени да го поддржат брзиот почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Бугарија останува сама, поддржана само од француското претседателство со ЕУ и францускиот претседател Емануел Макрон. Во својот говор на 19 јануари 2022 година во Брисел, Макрон рече дека ЕУ не е подготвена да прифати нови земји бидејќи одлуките на ЕУ беа исклучително тешки за повеќе земји и дека правилата на ЕУ мора да се променат. Како аналитичар, но само според мене, можам да кажам дека гледам одредена промена во односите меѓу Бугарија и Македонија. Според мене, проблемите треба да се решаваат на прагматична основа во разни комисии, како што предложи бугарскиот премиер. Историските и културните прашања бараат време, довербата тешко се враќа. Како професор по политички науки сум имала студенти Македонци и многу добро сум работела со нив“, објаснува Пиргова.

Таа верува дека новите генерации нема да се занимаваат само со историјата. Според Пиргова, ќе видат дека двата народи се блиски, лесно разбирливи и дека можат заедно да напредуваат. Вели дека и двете нации имаат доволно проблеми со другите соседи за да продолжат да се однесуваат како странци.

Петков на 18 месецов беше во посета на Македонија и се сретна со државно – политичкиот врв.

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов рече дека по посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје спиел мирно, бидејќи Македонија нема да ја нападне Бугарија. Борисов го искритикува Петков дека е првиот бугарски државник што отишол во Скопје и не положил цвеќе на споменикот на Гоце Делчев. Тој сака да дознае дали на средбата меѓу Кирил Петков и претседателот на Стево Пендаровски станало збор за македонското малцинство во Бугарија.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести