ПИКОТ НА СЕЗОНАТА НА ГРИПОТ ЌЕ ГО ДОСТИГНЕМЕ ВО СЛЕДНИТЕ ДВЕ НЕДЕЛИ - засега бројот на заболени не е алармантен
Надлежните најавуваат оти пикот на сезонскиот грип ќе биде достигнат во наредните две до три недели. Секоја година во овој период имаме зголемување на бројот на пациенти со грип кои бараат здравствени услуги, објасни денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Во моментов според негови информации нема зголемен број заболени од грип за да се каже дека тој е алармантен, особено ако се спореди со претходните години.
- Се уште не сме во тој пик на сезонскиот грип за да правиме соодветна компарација меѓу оваа и претходната година. Задоволство ми е да информирам дека оваа година првпат 77.000 граѓани веќе се вакцинираа против грип. Тоа е најдобриот пристап за да се креираат услови за да може телото да биде заштитено од сезонскиот грип - посочи Алиу.
Потенцира дека останале уште 3.000 вакцини против грип.
- Граѓаните за вакцинација не треба да се пријават во системот за вакцинација, туку можат директно да одат во здравствените институции да се вакцинираат. Ова е единствениот начин како ние можеме да ги заштитиме нашите граѓани особено популацијата која е во тој кластер на сензитивност - постари лица, бремени жени, здравствени работници - додаде Алиу, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата по повод кампањата за подигнување на свесноста за опасностите од употребата на пиротехнички средства.
Воедно министерот информираше дека во секоја здравствена институција вклучително и клиниките и болниците, меѓу кои и Тетовската клиничка болница има недостиг на човечки капацитети.
- Интензивно ќе работиме, тоа што веќе го најавивме еднаш на прес-конференција и на креирање нови капацитети, но и на оптимизација или хоризонтална мобилност на здравствените работници со цел здравството да се доближи до граѓаните - рече Алиу, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата по повод кампањата за подигнување на свесноста за опасностите од употреба на пиротехнички средства.
Додаде дека целта е граѓаните да не одат за здравствени услуги само во Скопје.
Фото: Архива
