Петровски: За уривање на унитарност да се одзема државјанство
Политичкиот активист Филип Петровски на социјалните мрежи посочи дека тој заедно со други активисти предвидуваат предлог закон со кој државните органи ќе може да донесат одлука за одземање на македонското државјанство на лица кои прават обиди за уривање на унитарност на Македонија.
- Државјанството на Република Македонија е право и чест, повлекува и должност за лојалност на граѓанинот на државата! Државјанството на Република Македонија се одзема привремено и(ли) трајно за дело против унитарноста и насилно уривање на уставниот поредок, е предлогот кој го откри Петровски.
Секако, во овој момент ваков закон не би поминал во собраниска процедура бидејќи конститутивната седница сеуште не е одржана, не е избран претседател на собранието, ниту пак мнозинството би поддржало вакво законско решение за кое е потребно и интервенирање во Уставот во поглавјата кои го регулираат стекнувањето или губењето на државјанството.
Тоа, сепак, не е пречка да се постави овој предлог пред поддржувачите на актуелните простести каде главните пораки се насочени против опозицијата која може да изврши предавство на националните интереси преговарајќи и прифаќајќи дел од албанската декларација.
