ПЕТРОВСКА: Ова ваше однесување дека светот почнува од вас е многу погубно
Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска денеска во Собранието, му рече на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски дека случајот со пожарот во Кочани се води селективно. Укажа дека се уапсени луѓе кои претходно работеле во полицијата и сега се во пензија, но исти аршини немало за оние кои сега се на тие функции во градот.
Вели дека има зголемен број убиства во Скопје, но и за смртта на младата Фросина Кулакова рече дека министерот ветил контроли во сообраќајот, но како што кажа тоа не траело долго.
„Можеби ви е смешно, ама јас не сум ви крива за селективната меморија. Ова ваше однесување дека светот почнува од вас е многу погубно“, кажа Петровска.
Таа кажа дека има уште многу работи да каже, но тоа не би сакале да го чујат од власта.
Тошковски вели дека Петровска кажала многу невистини. За убиствата кажа дека не е точно дека бројот се зголемил во однос на претходните години. Рече дека оваа година имало две убиства помалку од 2024 година. Mинистерот додаде дека секој македонски граѓанин има болка во душата за трагедијата која се случи во Кочани.
