Петровска: Додека вината ја префрламе на системот, поединци од системот ќе продолжат да убиваат
Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска го изрази револтот по свирепото убиство на 31-годишната девојка од Велес и нејзиниот татко. Таа пишува дека тие не се жртви само на еден убиец туку на сите кои не постапиле по пријавите за малтретирање и насилство.
„Росица со месеци барала помош. Пријавувала закани, насилство, палење на автомобил. Повторувала повици до институциите да ја заштитат. Наместо заштита добила игнорирање. Наместо санкција насилникот останал слободен. Резултатот? Убиена е Росица. Убиен е и нејзиниот татко“, напиша пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска на социјалните мрежи.
Додава дека виновни се и сите што премолчеле, одбиле да реагираат или свртеле глава.
Таа пишува дека ова убиство не е изолиран инцидент туку повторување на трагичен образец во кој не потфрла системот, туку луѓето кои избирале да не го спроведуваат.
„Додека вината ја префрламе на системот, поединци од системот ќе продолжат да убиваат со своето молчење и непостапување. Избираат да не помогнат. Да не заштитат. И со тоа избираат да бидат дел од проблемот“, оценува Петровска.
Пратеничката Петровска исто така пишува дека солзите на Росица и нејзиниот татко засекогаш ќе ги следат оние коишто земале плата за работните задачи кои не ги извршиле. За нив таа бара лична одговорност.
