Петрова-Чамова е против блокади на бугарско-македонската граница
Иницијативите за блокирање на бугарско-македонската граница се контрапродуктивни и би можеле да му наштетат на ставот на Бугарија во односите со Македонија, вели шефицата на бугарската дипломатија, Велислава Петрова-Чамова, за планираните протестни акции.
Двочасовното блокирање на трите гранични премини со Бугарија в недела го организира фондацијата „Македонија“ на Виктор Стојанов, а за тоа, наводно, е добиена согласност од бугарското министерство за внатрешни работи.
„Во секој случај, ваквите акции ќе бидат контрапродуктивни“, рече министерката во изјава за бугарските медиуми.
Според неа, ваквите иницијативи не се поврзани со активностите на бугарската влада и не придонесуваат за заштита на националниот интерес.
„Разбирам дека постои можност невладините организации или други структури да организираат вакви настани, но од наша страна е важно да одржиме многу цврста позиција со јасно изразени права за кои се залагаме“, рече Петрова.
Таа нагласи дека Бугарија нема интерес за ескалација на тензиите со Македонија.
Бугарските европратеници со писмо до Европскиот парламент го осудија палењето на дипломатските возила во Скопје.
foto printskrin BGNES
