Петре Латиновски: Не сум правел притисок врз ниту еден вработен во општина Бутел за учество во протестите на Заедничка Македонија
Петре Латиновски, поранешен градоначалник на општина Бутел, денеска на суд рече дека во периодот 2016-2017 година додека бил на оваа градоначалничка позиција, во рамки на градскиот комитет, како тело, немале никогаш воопшто дискутирано за протестите „За заедничка Македонија".
Инаку, во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за обвинетите за организирањето на настаните од 27 април, 2017 година, со сослушување на одбраната.
Латиновски категорично негираше дека имал апсолутно некаков контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски за протестите на „За заедничка Македонија", и рече дека доколку се најде и еден доказ за тоа, би сакал и тој да се најде од другата страна на судницата.
Прашан дали имал организирано вработени од општината за да учествуваат на протестите пред Собранието, Латиновски рече дека такво нешто ниту правел, нити пак имал сознанија за такво нешто. „Никаков притисок кон ниту еден вработен немам направено, ниту ми паднало нешто такво на памет. Ниту пак сум имал сознанија за такво нешто“, рече Латиновски.
Инаку, Петре Латиновски сега е член на Иницијативниот одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, на кој би се разговарало за доверба за лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
