ПЕТ ОД ПОРАНЕШНИТЕ ЧЛЕНОВИ НА ДИК ВРАТИЛЕ ПАРИ ВО БУЏЕТОТ: Кој не си ја завршил обврската?
Петмина од поранешните членови на Државната изборна комисија веќе вратиле пари во буџетот на РМ.
Според информации од Министерството за финансии, Виолета Дума, Игор Милев, Субхи Јакупи и Атанас Урумов, сега веќе поранешни членови на ДИК, вратиле пари во буџетот. Меѓу нив е и сè уште актуелниот член на Комисијата, Ермира Асани Салија, која доби надоместок од две плати. Од Министерството не откриваат колкава е вкупната сума која е вратена во народната каса, а на листата не се имињата на Силвана Бонева, Сашо Срцев и Реџеп Прекопуца. Екс претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, веќе ги донира средствата од бонусот во износ од 260.000 денари во граѓанската организација „Полио плус“ за проекти поврзани со унапредување на правата на лицата со хендикеп.
Оставки беа поднесени под притисок на јавноста, откако беше обелоденето дека членовите на ДИК си делеле бонуси. Информацијата во јавност ја соопшти американскиот амбасадор Џес Бејли.
