Пет лица признаа вина за случајот со илегалното градење во Карпош, ќе добијат условни казни
Пет лица во случајот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, во кој е инволвиран и поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, ја признаа вината и добија условни казни. Станува збор за кривичните пријави за „бесправно градење“ поднесени од Управата за финансиска полиција.
Според обвинението од август 2018, градоначалникот Јакимовски. дозволил објектот на Општина Карпош каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектноско-урбанистичка документација, соопшти тогаш Управата за финансиска полиција.
Надлежен обвинител постигна спогодба со пет лица кои поднесоа изјави за признавање на вина. Станува збор за обвинетиот Ј.К. кој лако надзорен орган во правното лице Друштво за производство, градежништво, трговија и услуги Карапанчевски Компани ДООЕЛ Скопје, во име и за сметка на правното лице, како надзор, спротивно на одредбите од Законот за градење, без Одобрение за градење, на инвеститорот, вршел надзор на градба деловен простор – административен објект на локалната самоуправа. Со своите дејствија обвинетиот сторил кривично дело Бесправно градење од чл.244-а ст.1 од Кривичниот законик. По признание на вина, обвинетиот се согласи да му биде изречена казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку во рок од три години не стори ново кривично дело.
Во текот на 2016 година обвинетиот Н.Н. како службено лице во Општина Карпош, назначен за Претседател на Комисија за јавна набавка, обвинетиот С.М како службено лице –државен службеник во Општина Карпош назначен за Член на Комисија за јавна набавка и обвинетата А.С. како службено лице – државен службеник во Општина Карпош назначена за Заменик член на Комисија за јавна набавка, со пропуштање на должниот надзор, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности во постапка за јавна набавка за “Партерно уредување на Сквер во Жданец” прибавувајќи корист за Друштво за градежништво, производство, трговија и услуги С.М.Компани ДОО Свети Николе во висина од 2.845.234,оо денари. Со своите дејствија сториле кривично дело Несовесно работење во служба од чл.353-в ст.5 од Кривичниот законик.
Обвинетата Р.Д. како службено лице во Општина Карпош, во 2017 година, постапувајќи по Барање поднесено од физичко лице, пропуштила должен надзор и изготвила и потпишала Решение за утврдување на правен статус на времен објект за деловна намена како да е бесправно изграден објект, со што овозможила физичкото лице незаконски да се стекне со корист – право на сопственост на објект и ексклузивно право на откуп на земјиште под објект сопственост на Р.Северна Македонија.
Осомничените го признаа извршувањето на кривичното дело што им се става на товар и се согласија да им биде изречена казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку во рок од две години не сторат ново кривично дело и парична казна како споредна казна во висина од 500 евра во денарска противвредност.
Судијата на претходна постапка ги прифати поднесените Предлог-спогодби и донесе пресуди со кои на обвинетите им се изрекуваат предложените казни. Мерките на претпазливост определени спрема обвинетите ќе бидат укинати по правосилноста на Пресудите по Предлог – Спогодбите.
Пријава за „бесправно градење“ беше поднесена против Ј.К., надзорен инженер во Карапанчевски компани ДОЕЛ Скопје во својство на надзор и А.М., одговорно лице во правното лице АЛКОНПРОЕКТ ДООЕЛ Тетово во својство на изведувач, како и против тие две правни лица.
Првопријавениот Јакимовски во својство на градоначалник на Карпош како инвеститор на изведување работи за „Демонтажа, дислокација и изградба на четврта и петта барака на бул. `Партизански одреди` бр. 68“ и „изведба на демонтирани и четврта и петта барака во рамки на урбанистичката парцела на ОУ „Лазо Трповски“, во тек на 2012 и 2013 година спротивно на членовите 56, 59 и 67 од Законот за градење без одобрение за градење и соодветна архитектонско-урбанистичка документација во име и за сметка на Општина Карпош изградил две бараки наменети за општинската администрација. Потоа, појаснува во соопштение Управата за финансиска полиција, поднел барање за легализација на двете бараки кое лично го потпишал иако согласно член 2 став 3 в.в. стр. 1 и 2 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти бараките не можеле да бидат предмет на легализација затоа што се изградени по стапување во сила на Законот за легализација.
Во август 2018 Финансиската полиција покрена кривична пријава против Јакимовскки и за злоупотреба на службената положба и овластување, како и поради соизвршителство против четворица негови соработници. На предлог на Обвинителството, судот им изрече мерки на претпазливост со кои им е одземен пасошот и беа задолжени редовно да се пријавуваат во суд.
По изречените мерки од судот, Јакимовски изјави дека дека се работи за монтиран случај со цел да се дефокусира јавноста. Со пријавата за злоупотреба на службената положба и овластување Јакимовски и неговите соработници, според Основното јавно обвинителство, го оштетиле буџетот на Општина Карпош за 36.634.675 денари, овозможувајќи им да се стекнат со противправна имотна корист на правните лица АЛКОНПРОЕКТ ДООЕЛ Тетово во износ од 33.789.441 денар и С.М. Компани во износ од 2.845.234 денари.
