„ПЕТ ИЛЈАДИ НАСТАВНИЦИ СЕ ВИШОК“: министерката уверува ќе се бараат начини за нивна искористеност
Ќе се зајакнуваат училиштата и институциите поврзани со образованието со наставници кои иако се вработени не исполнуваат целосен фонд на часови, најавува министерката за образование Весна Јаневска. Дополнително таа најави дека со оглед на фактот дека има пет илјади наставници кои се вишок, а претходно такви биле три илјади, ќе се бараат начини за нивна поголема вклученост и искористеност во обрзованиот систем.
Таа укажа дека наставниците не треба да се плашат дека нешто ќе им се случи.
- Во иднина ќе мора да ги направиме овие наставници функционални. Тоа значи поголем нивни ангажман, подолг престој на училиште, а за тоа ќе добиваат повисоки плати. Ќе добијат многу неопходни обуки. Целодневната настава, едносменската настава, зајакнувањето на Бирото за образование, на Државниот испитен центар, на Државниот просветен инспекторат се пулови каде тие ќе си најдат место - рече Јаневска во интервју за ТВ Телма.
Од контактите што ги имам со нив, додаде, тие се спремни тоа да го направат исто како и Министерството, а позитивна волја гледаме и кај Владата.
- Се надевам дека со тек не време ќе го достигнеме сето тоа што е планирано - потенцира Јаневска.
Потврди дека денеска на Собрание поминаа законите за основно образование, за средно стручно образование, за учебници, за образование на возрасни, за национална рамка на квалификации и за нуклеарна агенција.
Во одговор на прашање рече дека во законите што беа донесени во Собранието е избришан членот за заменски наставник за време на штрајк што, како што рече, најмногу им сметаше на наставниците, но и нејзе лично.
Потврди дека Министерството ќе му префрли пари на Универзитетот Свети Кирил и Методиј – УКИМ за долгот за струја.
- Ќе им дадеме пари за струја веднаш во 2025 година, со новиот буџет, затоа што Законот за високо образование вели дека МОН треба да ја плаќа струјата на универзитетите, но со измената за Законот за високо образование ќе видиме како тоа ќе го решиме. Во моментов некои универзитети помалку, а некои повеќе имаат од таканаречените сопствени средства кои не можат да ги трошат за струја, тука нема дилема, но можеби ќе се договориме дел од тие средства во иднина да одат и за режиски трошоци - истакна Јаневска.
