Пешевска: Бевме сведоци како се бираа уставни судии, јавни обвинители, партиски полтрони
Наместо дебари и издржани законски решенија кои ќе ги подобрат реформите во судството, законите биле носени со сила изгласани по брза постапка, вели пратеничката на ВМРО - ДПМНЕ, Жаклина Пешевска.
Таа во телевизиско гостување истакан дека за реформи во судството апелирале изминативе седум-осум години во Собранието.
- Јас во тие два мандати учествував во работата на Собранието интензивно и апелиравме и во однос на изборот на судии и во однос на оној Закон за Академија на судии и јавни обвинители којшто се носеше по скратени постапки, буквално на сила изгласани дневни редови и многу закони донесени со европско знаме - кажа Пешевска во емисија „24 Анализа“ на Телевизија 24.
Пешевска истакна дека довербата на граѓаните во судството изнесува само 2 проценти, односно има недоверба во истото од 98 отсто како и над 50 проценти неажурност на судовите за што сведочат самите извештаи.
- Како Влада сегашна, а претходно во изборната програма ние тоа го ветувавме дека треба реформи во судството без притоа да ние се мешаме. Ако ние сме потегнале да ги разрешиме сега, затоа што таму се именуваат, во Собранието се именуваат, таму би биле логично разрешени, тоа не значи никако дека извршната власт ќе се меша во изборот на Судскиот Совет. Затоа што дефинитивно и ние бевме застапници на таа теза дека извршната власт без разлика, па и законодавната сме вмешани процедурално, но треба политичарите да ги тргнат рацете дефинитивно од судската власт - дополни Пешевска.
Според неа се она што се случува во изминатиов период, особено во последниве неколку дена е всушност резултат и сведочи токму за таквата вмешаност на политичарите и некоректноста на сите чинители.
- Бевме сведоци како се бираа уставни судии, бевме сведоци како се бираа јавни обвинители, партиски полтрони, после седум, осум години уништување на се што можеше, па колку неуставни закони се донесоа, колку го осквернавивте вие Уставот, колку национални порази вие предизвикавте во државата. Штетите што вие ги направивте некои се непоправливи и неповратливи за тие работи што вие ги предизвикавте треба да имате доблест - и посочи Пешевска на соговорничката од опозициската СДСМ во рамките на дебатата.
Пешевска цени дека опозицијата треба да има минимум достоинство, да се исправа пред јавноста и да се извини пред македонските граѓани кои беа манипулирани од нивна страна.
- Вие се најавувавте како реформска влада, вие р од реформи не спроведовте. Најголем број протести пред судии ви се случуваа во време на вашето владеење, тоа покажува како вие сте ги тргнале рацете од судската власт. Зошто ако вие толку сте ги тргнале рацете од судската власт судството заврши како „трас-трас“ судство и Луи Витон обвинителство? Па ние гледавме снимки со торбите пари каде се носеле - потсети Пешевска.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
