ПЕНДАРОВСКИ ЗА РУСКИ ВЕСНИК: Во првите неколку месеци од следната година ќе видиме дали нешто ќе се промени во Бугарија
Maкедонскиот претседател, Стево Пендаровски во интервју за рускиот весник „Комерсант“ вели дека Бугарија го користи процесот на пристапување во ЕУ за да отвори некои прашања, што не би можела да го стори по зачленувањето во Унијата, а според некои бугарски политичари Софија требало да ја блокира Северна Македонија уште при влезот во НАТО во 2018 година, но тогаш тоа не било дозволено поради гео-стратешките интереси на западните сили.
Претседателот потсетува дека Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, а поради спорот со Грција околу името беше оневозможено да започнеме преговори за членство.
„Спорот со Грција го решивме. Сега Бугарија размислува горе-долу вака: ако сега ги примиме во ЕУ, повеќе нема да има можност да се отворат спорните прашања. Некои бугарски политичари дури изјавуваат: требаше да се блокира членството на Македонија во НАТО уште во 2018 година. Претпоставувам дека тогаш не им беше дозволено да го направат тоа поради гео-стратешките интереси на западните сили, кои сакаа во целост да го формираат јужното крило на Алијансата. Во ЕУ приодот е поинаков“, додава Пендаровски во интервјуто кое го пренесе МИА.
Стево Пендаровски, во своето прво интервју за руските медиуми, во врска со одложувањето на процесот на интеграција во ЕУ, појасни дека тоа се случило поради позицијата на Бугарија, која се однесува на идентитетот на Mакедонците и го оспорува македонскиот јазик.
„Во првите неколку месеци од следната година ќе видиме дали нешто ќе се промени во приодот на Бугарија. Од наша страна можностите за маневaр се исцрпени, ние поднесовме голем број конструктивни предлози. За тоа дека ние сме Mакедонци кои говорат на македонски јазик, не може да се преговара“, истакна Пендаровски.
Тој нагласи дека во однос на тоа дека Mакедонците никогаш нема да се откажат од својот идентитет и својот јазик нема никакви разлики меѓу власта и опозицијата.
За тоа дали ваквиот потег на Софија е поврзан со претстојните избори во Бугарија на пролет, шефот на државата напомена дека тој таа опција веќе ја споменал и дека на тоа реагирала Софија, дека никој таму не го користи спорот заради рејтинг.
„Деновиве ја следев динамиката на рејтинзите на водечките бугарски партии. Во последните два месеца тие двојно се зголемија. Можеби нешто друго влијаело на рејтинзите, но овој период партиите во Бугарија многу често говорат за македонското прашање“, додаде Пендаровски во интервјуто за „Комерсант“.
За членството на Северна Македонија во НАТО, кое се официјализираше во март оваа година и за придобивките досега Пендаровски потенцира дека НАТО за нас е синоним за безбедност и гаранција на нашиот територијален интегритет.
„Претходно, меѓународните инвеститори не прашуваа: дали Македонија има иднина? Кој би вложувал во држава ако безбедноста е загрозена? Сега, кога станавме членка на оваа воено-политичка структура, нашиот имиџ е сосема поинаков“, вели Пендаровски.
Додава дека со членството во НАТО започнавме активна размена на информации, кои се од заеднички интерес. – Во последните пет-шест години околу 140 наши граѓани војувале во Сирија и во другите земји од Блискиот Исток. Некои загинале или исчезнале, но многу се вратиле. Тоа се луѓе од војна, и потенцијално може да извршат терористички акти и кај нас, и во регионот. Ние сме мала земја, и многу е значајно да се добиваат потребните разузнавачки информации од Германија, Франција, од другите водечки земји. Пред неколку месеци, благодарение на добиена информација, ние уапсивме тројца такви луѓе кои подготвуваа терористички акт, посочи Пендаровски.
По членството во НАТО Пендаровски смета дека не дошло до влошување на односите со Русија, туку до намалување на динамиката на политичките контакти.
