Пендаровски за односите со Бугарија: Ние сме подготвени за решавање на спорот
Неопходно е идентификување на соговорникот од бугарска страна, ние сме подготвени за решавање на спорот, изјави претседателот на државата, Стево Пендаровски во Брисел.
Вели дека најголемиот проблем во моментов со Бугарија е тоа што не постои целосен консензус за организирање на првата меѓувладина конференција, бидејќи изборите во Бугарија завршија со нејасен епилог.
„Неопходно е да се започнат разговори за идентификување на соговорникот од бугарска страна и ние сме подготвени за решавање на билатераниот спорс со нашиот сосед“, изјави Пендаровски, од седиштето на Европската Унија.
Ова е втора посета на Пендаровски на највисоките европски институции во последните две години, а тој оствари средба со највисоките носители на функции во ЕУ, почнувајќи од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, шефот на дипломатијата на ЕУ, Јосип Борел, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, како и комесарот за проширување, Оливер Вархеји. Пендаровски со соговорниците разговарал за билатералниот спор со Република Бугарија, пандемијата на коронавирусот и последиците со кои државите од Европа се соочуваат, како и за високата корупција во земјава и реформите.
Во Бугарија неизвесно е формирањето на Влада.
Бугарскиот претседател Румен Радев утре претпладне ќе му даде мандат за состав на нова влада на кандидатот за премиер од втората по бројност парламентарна група – Има таков народ. Ова го соопштија од Кабинетот на бугарскиот претседател.
Партијата на Слави Трифонов, вчера соопшти дека нивни кандидат е Антоанета Стефанова која ќе го врати мандатот за состав на влада на Бугарија. Според бугарскиот Устав, Румен Радев потоа не е должен да се води од бројноста на партија во Парламентот за давање мандат за состав на влада.
