Пендаровски се заблагодари за довербата
Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, се заблагодари до 30-те политички партии и до премиерот Зоран Заев за укажаната доверба да добие уште една поддршка како кандидат за претседате на Македонија на следните избори, сметајќи дека на претходните во 2014-та загубил поради „брутален изборен инженеринг“
„Исклучителна е честа да бидеш поддржан од претставници на сите етнички заедници, од 31 политичка партија, но, и од многу граѓани кои воопшто не се членови на политички партии. Посебна благодарност сакам да изразам до политичката коалиција, предводена од СДСМ и лично до премиерот Заев, кои направија политички потег без преседан, по пет години да ми дадат шанса повторно да влезам во трката за претседател, откако во 2014-та, сите ние, бевме предмет на брутален изборен инжинеринг. Почитувани граѓани, од вчера, ми дадовте голема политичка одговорност, која во месеците и годините што идат, имам намера, заедно со сите вас, да ја оправдам во целост, во интерес на подобриот и посреќен живот за сите во нашата земја“ напиша Пендаровски.
Во 2014-та тој загуби во трката со Ѓорѓе Иванов, тогаш поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, со разлика од околу 140.000 гласа, иако освои 400-тини илјади.
