Пендаровски: Радев се обидува да ја спушти топката
Во овој момент сум реалист и умерен оптимист, вели шефот на државата Стево Пендаровски откако во Рим се сретна со својот бугарски колега Румен Радев.
За обидите за пронаоѓање решение со Бугарија и одблокирање на почетокот на преговори на земјава со ЕУ, кажа дека наредните денови ќе достават предлози, кои ќе се базираат на акционите планови, секторската соработка, кои ги правеле и во ноември и во декември, ги доставувале и до Брисел и до Софија. Вклучена е патна и енергетска инфраструктура, медиумска соработка, културата, образование итн. Нема да има нов договор со Бугарија, а земјава нема никаков проблем со мониторинг од ЕУ.
„Радев зборува со сосема поинаква реторика од претходниците во бугарската Влада, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи и се обидува да ја спушти топката и се обидува со културен речник да се обраќа. Тој се држи до суштинските бугарски барања, не не навредува, и тоа веќе кажува оти се работи за човек кој е сериозен, стабилен и не мисли да ќарува само политички поени со тоа што ќе навредува некој од соседите“, рече Пендаровски.
Како што кажа во процесот е битно да бидат заштитени македонски национални и државни интереси.
Претседателот Стево Пендаровски вечерва во Рим се сретна со италијанскиот колега, Серџо Матарела кој му најавил дека до крајот на годината ќе дојде во посета на земјава.
